ВМРО-ДПМНЕ: Дамева сопре постапка за Наќе Ѓорѓиев да стане член на Судски Совет

„Граѓаните не заслужуваат оние што треба да ја донесат правдата, да бидат активни чинители на неправдата“, рече Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ

од Nikola Popovski
4 прегледи Фото: ВМРО-ДПМНЕ

„Весна Дамева, која работеше единствено по насока на СДС, а во тоа време на менторот на Филипче, Зоран Заев, на затворена седница на Судскиот Совет, сопре постапка за Наќе Ѓорѓиев кој требаше да стане член на Судскиот Совет“ – ова денеска го соопштија од ВМРО-ДПМНЕ како дел од низата изјави и соопштенија насочени во правосудните органи во државата.

Според Валентин Манасиевски од партијата на власт, постапката која требала да се води против судијата Ѓорѓиев, била чувана во фиока со години, а со помош на судијката Дамева, како што вели тој, „таа постапка зад очите на јавноста била сопрена со што тогаш се озвоможи Ѓорѓиев да стане член на Судскиот совет“.

„Наместо квалитетни и компетентни кадри да си ја извршуваат работата на судии и обвинители, поради вакви случаи како Дамева и Ѓорѓиев, чесните кадри во правосудството не можат да дојдат до израз.

Колку свои луѓе имаат Дамева и Ѓорѓиев во судството за да продолжат да работат за нивен интерес, а во превод штитење на кадри или блиски лица на СДС? Зошто граѓаните да одвојуваат се повеќе пари од своите џебови? За да можат вакви поединци да го уништуваат и узурпираат судскиот систем?

Граѓаните не заслужуваат оние што треба да ја донесат правдата, да бидат активни чинители на неправдата. Тие треба да бидат адекватни луѓе, луѓе со кредибилитет“, праша кадарот на ВМРО-ДПМНЕ.

Лани во август, Обвинителството склучи спогодба со врховниот судија Горѓиев кој е осомничен дека сторил кривично дело примање награда за противзаконито влијание. Судијата со спогодбата прифатил да му биде изречена казна затвор од три години и забрана за вршење на професија.

Истражната постапка против Ѓорѓиев беше отворена во мај 2024, откако беше објавено дека барале пари, а за возврат ветувале дека можат да му ја олеснат положбата на поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев кој е осомничен за шверц на дрога. Барањето поткуп го пријавил синот на Стојчев.