ВМРО-ДПМНЕ: Даночната „реформа“ e нов товар за граѓаните и негативно ќе влијае врз ликвидноста на компаниите

од Vladimir Zorba

Концептот кој власта го предлага како даночна реформа не е ништо друго освен нов товар за граѓаните и бизнисот за да се покрие криминалот, корупцијата и недомаќинското работење на владата, велат утрово од Белата палата на ВМРО-ДПМНЕ.

Според нив, не се работи за даночна реформа, затоа што нема стратегиски пристап и не го оценува севкупниот економски ефект.

„Истиот ќе дестимулира одредени сектори, ќе се намалат приливите и инвестициите и ќе се намали расположливиот доход на граѓаните. Што значи тоа ќе има негативно влијание врз економијата“, стои во партиското соопштение.

„Оваа т.н. реформа негативно ќе влијае врз ликвидноста на компаниите и нивните планови за идни инвестиции, додека уште поголем товар се става на малите и микро компании кои ќе бидат приморани да се префрлат во неформалниот сектор. Истата ќе доведе до нов одлив на работници кои лебот ќе го бараат во странство.

Воедно со истата власта планира да ги зголеми повластените даночни стапки за на ДДВ за некои основни производи и со тоа ќе доведе до натамошен раст на цените што ќе ја зголеми сиромаштијата во Македонија и ќе направи граѓаните да не може да си ги дозволат основните работи.

Прогресивниот данок кој власта го планира веќе еднаш доживеа крах и неуспех во Македонија, додека рамниот данок којшто беше воведен од страна на Владата ВМРО-ДПМНЕ се покажа како ефикасен во намалување на неформалното вработување, намалување на невработеноста и како ефикасен и во борбата со сивата економија.

Власта не само што има целосно погрешен концепт туку погрешно им е и времето, а краткиот рок на имплементација ќе ги доведе во финансиска неизвесност македонските граѓани и стопанството“, додаваат, меѓу другото, од партијата на Мицкоски.

Слични содржини