„Не е тешко да се предвиди Ахмети. Не е тешко ни човек да се справи со него – само треба да има волја, да не е компромитиран и да има интегритет. СДС тоа не беа. Тие немаа волја да се спротивстават, имаа волја само да крадат. И искусниот Ахмети ги фати, ги држи и денеска кутрите не можат ни да писнат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на изјавите на лидерот на ДУИ, Али Ахмети при презентацијата на кандидатите на коалицијата Европскиот фронт за локалните избори.
„Се сеќавате како Груби и Ахмети отидоа кај Заев и го „предомислија“ пред две години? Со што го предомислија? Епа, така функционира ДУИ и за тоа се врвни експерти. Се пофалија дека се обединиле, ама вистината е дека го седнаа Таравари во скут – дали заради паркингот на Клинички или заради нешто друго, тоа сите го знаат“, додаваат од партијата на власт.
Понатаму, партијата што ја предводи Христијан Мицкоски, во партиската реакција посочува дека обвинителите и судиите соработувале со ДУИ и СДСМ.
„Имаме порака до Али Ахмети: не си ти орел, туку обично врапче. А во суштина, ни вие не сте орли, туку криминални и корумпирани страчки. Најгласни се токму најуплашените. Со проекти, со мерки, со реформи и со подобар живот. Албанците одамна имаат преку глава од Ахмети, а тоа ќе го покажат на следните избори – заедно со Македонците, сите сложно.
ДУИ ќе ги изгуби речиси сите општини во земјата. По изборите очекуваме врапчињата да носат писма со понуди за коалиција, со бланко отстапки и ветувања дека ќе се реформираат. Секако дека ќе се насмеeме на тие понуди“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Ахмети за време на говорот упати жестока критика кон лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи го дека преку своите политики и изјави ги потценува правата на Албанците и создава опасни тензии.
„Христијане, млад си, размисли добро. Не се соочуваш со скапоцени камења или краставици, туку со добро специјализирани кадри, тимови во сите области. Мицкоски со кучиња оди на лов на зајаци, но не и на орли. Орелот не се бори со кучиња, слуги и негодници кои ги дресирате за да нè оцрните. Орли, летајте високо во синилото, кучиња, чувајте се од зајаци“, кажа лидерот на ДУИ.