ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение порачаа дека е „добро што Крешник Бектеши призна дека правел притисок“ и побараа од ЈО и судството да постапат. Од владеачката партија прашуваат „како тоа порака со содржина дека е срамота што МВР се занимава со млади луѓе не е притисок“?
-Дали за Бектеши младите прекршители на законот или криминалци не се криминалци?
Што за Бектеши се млади луѓе дали тоа се лица од 18 до 30 години и дали тие не треба да се гонат ако направиле прекршок или кривично дело? Која порака Бектеши ја упатува до младите?, стои во соопштението од партијата на Христијан Мицкоски.
Екс-министер ја објави фотографијата од пораката што му ја испратил на полицискиот началник во СВР Охрид, за која заработил пријава.
„Секоја чест. Јаки сте. Срамота треба да ви е да се занимавате со млади луѓе“, стои во пораката на Бектеши што ја испратил, а објавена денеска на неговиот Фејсбук профил.
Имено, во полицискиот билтен за 25.7.2024 година, како што соопшти МВР, СВР Охрид му поднело кривична пријава на К.Б. (39) од Кичево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело попречување на правдата. Како што објави Телма, станува збор за поранешниот министер од редовите на ДУИ, Крешник Бектеши, односно иницијалите објавени во билтенот соодветствуваат на неговото име.
Обвинувањата против Бектеши од ДУИ ги квалификуваа како неосновани кои имаат за цел дискредитација на партијата и нивните претставници.