ВМРО-ДПМНЕ до Јакимовски: Со восхит зборуваше за седиштето на партијата – нека се одлучи дали ќе го поддржува творецот на барокот или ќе го напаѓа

од Nikola Popovski
291 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ се огласи со реакција по вчерашната прес-конференција на градоначалникот на Карпош, Стевче Јакимовски, кој ја одржа во непосредна близина на седиштето на на најголемата опозициска партија. Од партијата велат дека, „чудно е што овие ставови Јакимовски не ги имаше кога беше чест посетител на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, па со восхитување зборуваше за истото“.

Во однос на архитектонскиот стил на седиштето, Јакимовски треба да се обрати на друга адреса, а тој многу добро знае која е таа адреса. Јакимовски да се одлучи дали ќе го поддржува идејниот творец на барокот или ќе го напаѓа, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи:

-Ја разбираме задачата која што Ковачевски му ја има дадено на Јакимовски, но тој треба да се праша дали навистина вреди да оди толку ниско, да се валка во кал, за да си ја плати својата слобода, стои во партиското соопштение.

Со реакција се огласија и од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во општина Карпош.

-Доколку Стевчо Јакимовски сака да бара бетонски зданија нека се слика пред сите бетонски зданија во Карпош кои се врзуваат со неговата работа. Туку одговорите на дилемите да ги побара на друго место. Бетонизацијата на Стевчо Јакимовски не ја пратат инвестиции во делот на проширување на капацитетот на атмосферската канализација, водоводната мрежа, напротив за зграда повеќе на урбаната мафија се руинира животот на граѓаните кои веќе живеат во општина Карпош, рече Адријана Јакимовска Панчевска, советник од ВМРО-ДПМНЕ во Општина Карпош.

Јакимовски денеска свика прес-конференција по најавите на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ дека со 4.000 амандмани ќе го блокираат носењето на ДУП-овите за „Алумина“, Влае и „Млечен“. Јакимовски изјави дека не ни очекувал дека ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа ДУП-от за местото на поранешната фабрика „Алумина“, бидејќи како што вели, тие се нови современи објекти, како што има во Дубаи, Чикаго, Торотон, Виена, Софија, Белград.

-Тие се за згради со лажен барок, исто како што е лажна нивната политика и патриотизми, како што се лажни нивните заложби за зеленило. Имаат изградени објекти без ниту еден метар квадратен зеленило, туку 5-6 саксии, од кои три им се овенети. Зборуваат за бетонски чудовишта, а што е ова позади нас (штабот на ВМРО-ДПМНЕ) и кое претставува најголема бетонизација на квадратен метар во Македонија. Ние сите се сеќаваме на едно мало жолто зградиче на два ката со мало дворче, а гледате ли сега во какво бетонско чудовиште се изроди? Малку им беше чудовиштетот, па изградија и кула, што би рекол Кочо Рацин: „За себе банки дигнаа палати и кули тенки високи“, кажа Јакимовски на прес-конференцијата.

Тој наведе дека терасата на штабот на ВМРО-ДПМНЕ е дивоградба.

-Дали налудничав проект има тој што предлага современи градби, со решеное паркирање, со места за пензионерите и спорт и реакција, со 50% од изградбата зеленило, со најсовремени подземни сообраќајници или ова здание зад нас, со вакви тесни ходници, праша градоначалникот на Карпош.

Јакимовски информира дека со планираните згради на местото кај поранешната фабрика „Алумина“, предвидени се уште 1000 паркинг места, покрај планираните 2500 за резидентите во тој кварт.

Земјиштето кај „Алумина“ го купи компанијата Пуцко Петрол на Асмир Јахоски, син на пратеникот Исмаил Јахоски од ДУИ во 2020 за 18 милиони евра, односно 24 милиони евра со сите давачки. Фирмата сега си нарача урбанистички план за просторот на кој сака да гради станбено-деловен комплекс.

Слични содржини