ВМРО-ДПМНЕ реагираше на изјавите на потпретседателката на СДСМ, Фани Каранфилова-Пановска во интервјуто за „Локално“. Според партијата на власт, новото раководство на СДСМ не се сеќава дека до пред шест месеци беа дел од власта.
Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат:
-Седум години власт на криминалниот тандем СДС и ДУИ, правеа матни тендери во четири очи, го испокрадоа Буџетот, за малку ќе прогласевме и банкрот како држава. Седум години власт на криминалниот тандем СДС и ДУИ, инфлацијата беше двоцифрена, а платите не се мрдаа, ниту пак цените во маркетите се намалуваа. Да ги потсетиме, новите деца на Заев и неговиот потрчко Филипче, дека ова време заврши, порачаа од партијата на Христијан Мицкоски.
Во соопштението додаваат дека 2025 година ќе биде полна инвестиции, нови автопати, градинки, болници, училишта, зголемени пензии и плати и дека ВМРО-ДПМНЕ кога нешто ветува, тоа и го реализира.
Каранфилова Пановска во интервјуто ги оцени првите седум месеци од раководењето на новата Влада. Според неа, ВМРО-ДПМНЕ сериозно го загрозува функционирањето на институциите, поделбата на власта и демократијата.
-Македонија со намера на ВМРО останува на неопределено време заглавена на европскиот пат, со затегнати добрососедски односи токму со оние соседни држави кои се членки на ЕУ и од кои треба да ја очекуваме најголемата поддршка и добрата воља во пристапниот процес, додека Албанија и Црна Гора сигурно газат на трасата за полноправно членство во ЕУ пред 2030 година, рече меѓу другото потпретседателката на СДСМ.