ВМРО-ДПМНЕ до Османи: Македонија не е ничиј туѓ дом, ама не е ни дом на политичари што ја распродаваат

од Nikola Popovski
47 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ реагираше преку соопштение на објавата на екс-министерот Бујар Османи. Од партијата велат дека поранешниот шеф на македонската дипломатија „се јавува со патетични морални лекции“.

Претходно Османи, на својот Фејсбук профил, ја оцени како скандалозна вчерашна изјава на премиерот Христијан Мицкоски дека поранешниот министер за надворешни работи „прифаќајќи го францускиот предлог, директно закова шајки во рацете и нозете на македонскиот идентитет“.

-Ќе беше смешно, ако не беше трагично. Османи зборува за „внатрешна кохезија“ откако со години активно работеше на нејзино разнебитување. Тој кој не кажа ни збор кога Бугарија бараше да не постоиме како народ. Тој кој ја потпиша капитулацијата наречена преговарачка рамка, со наведната глава и без консултација со народот. Тој што направи параван од „европски вредности“ за да протне асимилација под европско знаме, наведува ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата.

Според партијата, ако некој ја злоупотреби политиката за криминали цели тоа беа ДУИ и Османи.

-Да му појасниме: Македонија не е ничиј туѓ дом, ама не е ни дом на политичари што ја распродаваат. Граѓаните не заборавија дека твојата „дипломатија“ заврши со тоа Македонија да не започне ниту еден кластер, ама затоа добивме бугарски клубови и закани за порекнување на нашето постоење, нагласуваат меѓу другото од ВМРО-ДПМНЕ.

Во својот одговор, Османи го критикуваше премиерот за поткопување на внатрешната стабилност на земјата и промовирање на омраза и меѓуетничка нетолеранција, наместо да работи на зајакнување на единството и соживотот меѓу народите. Тој призна дека имаат различни политички ставови и дека не се согласуваат околу европскиот пат, но потенцира дека Мицкоски ја преминал границата на политичка пристојност со навреди и обвинувања.

Особено ги критикуваше неговите алузии со религиозни симболи, кои според него дополнително ја разгоруваат меѓуетничката и религиската нетолеранција во земјата. Османи посочи дека, додека Мицкоски се заканува и навредува, македонскиот јазик веќе е заштитен во преговарачката рамка со ЕУ, додека тој пак дома, со поддршка од некои институции, го понижува албанскиот јазик и граѓани.