Проблемот со депонијата „Вардариште“ е децениски, а владеачката ВМРО-ДПМНЕ го вперува прстот во СДСМ. Оттаму велат дека во 2020 година, кандидатката за градоначалничка на Скопје, а тогашна министерка за животна средина, Каја Шукова и екс-премиерот Зоран Заев во предизборната кампања ветуваа решавање на проблемот со депонијата.
-Тоа ветување беше официјално запишано и во нивната програма насловена „Можеме’’ за парламентарните избори во 2020 година на стрaна 228 каде што стои „Ќе помогнеме за итна ремидијација на поголем дел од дивите депонии, со приоритет на депонијата во Вардариште како и расчистување и рекултивација на локации со несоодветно отстранет отпад во урбаните и руралните подрачја“. Ова е уште едно лажно предизборно ветување на СДС и Шукова. Истата таа програма на СДС го наведува и износот од 42 милиони евра како финансиско портфолио за реализација на проектот. Каде завршија тие 42 милиони евра, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата на Христијан Мицкоски прашуваат „како Шукова и СДСМ имаат доблест повторно истото да го ветуваат пред граѓаните, овој пат Шукова само од позиција како кандидат за градоначалник на Скопје?“. ВМРО-ДПМНЕ тврди дека ова е класичен пример на манипулација и лажење на јавноста.
-ВМРО-ДПМНЕ има програма и план за решавање на проблемите на граѓаните, почиста животна средина, почист воздух и поквалитетен живот за сите граѓани, стои во партиското соопштение.