Мојот став е ист кога фигурата на Ванчо Михајлов беше поставена во Музејот во Ново Село во Штип, со говор на вашиот почесен претседател, осудено лице за криминал и бегалец, Никола Груевски. Мојот негативен став за него, е ист и кога неговата фигура беше ставена и во Музејот во Скопје, како дел од криминалот на Груевски и вашата партија, вашите сопартијци во најголемиот криминален проект Скопје 2014 година.
Ова денеска го кажа премиерот Димитар Ковачевски на седницата за пратенички прашања, одговарајќи ѝ на пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи, зошто се дозволило отворање на клуб под името на Ванчо Михајлов.
-Не знам, дали го имате на сликите во вашиот бел дворец. Но, знам дека токму ВМРО-ДПМНЕ од своите почетоци е наследник токму на Ванчо Михајлов. Тоа е срамно и недозволиво. Срамно е што вие во вашиот статут и грб се повикувате на континуитетот и на Тодор Александров и на Протогеров за кого редовно пеете песни. Патем, нивниот ученик и соработник, токму Ванчо Михајлов, ги реализира нивните ликвидации. Како што сложно тројцата претходно, учествувале во ликвидациите на огромен број македонски левичарски револуционери. Имено, нивниот ученик Ванчо Михајлов ги организираше нивните ликвидации, како што сложно тројцата претходно учествувале во ликвидација на левичарски револуционери. И сега вие мене ме прашувате за Ванчо Михајлов, па свртете се околу вас во вашиот бел дворец, видете ги сликите. Прашајте ги вашите ветерани и тие ќе ви кажат дека тие го слават Ванчо Михајлов, а не јас ниту СДСМ, ниту најголем дел од нашите граѓани, кажа Ковачевски.