ВМРО-ДПМНЕ е подготвено да нема „Пржинска влада“: „Само ДУИ со стотици скандали да нема технички премиер“

од Nikola Popovski
263 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ е подготвено да нема техничка влада, само ДУИ со стотици скандали зад себе да нема технички премиер, порачаа денеска од најголемата опозициска партија.

Според ВМРО-ДПМНЕ, „кога ќе се спомне криминал и корупција и малите деца мислат на ДУИ’.

-Партија која нема некомпромитиран функционер не може да биде партијата која ќе даде премиер, па дури тоа било и за 100 дена. ДУИ 7 години се најлош репрезент на Албанците, тие се репрезент само и само на своите лични интереси, а стотици Албанци, исто како и Македонци на неделна основа ја напуштаат Македонија, велат од партијата на Христијан Мицкоски.

Вчера ваквата тема ја начна токму Мицкоски, кој во интервју истакна дека партиите треба да се договорат за бришење на техничката влада не само за претстојните, туку за сите наредни избори. Оцени дека во техничката влада има повеќе опструкции отколку нешто коешто може да додаде вредност на процесот.

Техничкиот премиер ќе биде назначен во последните 100 дена од мандатот на актуелната влада, односно идната година. Премиерот Димитар Ковачевски е дециден дека ќе се почитува коалицискиот договор којшто го постигнаа поранешниот премиерот Зоран Заев и лидерот на ДУИ, Али Ахмети во 2020 година, но лично е против концептот на Пржинската влада.

Моделот на техничка („Пржинска влада”) за првпат беше воведен за изборите во 2016 година, како обврска од Договорот во Пржино од 2015 година. Иако техничката влада беше предвидена како преоден концепт, остана да функционира во Изборниот законик и во Законот за Влада. Предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за укинување на „Пржинската влада” во февруари 2020 година не доби зелено светло од мнозинството.

Слични содржини