ВМРО-ДПМНЕ ги фрли новите адути: Објавени 8 нови кандидати за градоначалници!

од Марта Пешевска
89 прегледи

Во Штип вечерва, ВМРО-ДПМНЕ го одржа своето Извршно заседание и соопшти имиња на нови осум кандидати за градоначалници кои ќе настапат на претстојните локални избори. Во рамки на денот, партијата одржа и работен семинар со Фондацијата „Конрад Аденауер“ и ПИАЦ „Љубиша Георгиевски“, посветен на подготовките за локалниот изборен процес.

На семинарот учествуваа кандидати кои веќе се избрани за претставници во своите општини, а темата беше креирање програми во соработка со граѓаните и во интерес на локалниот развој.

На вечерашниот состанок на Извршниот комитет, ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука да предложи осум нови имиња до Централниот комитет како официјални кандидати за градоначалници:

  • Жарко Ристески за Македонски Брод

  • Драганчо Саботковски за Могила

  • Тони Тоневски за Пробиштип

  • Марјан Пеев за Богданци

  • Наталија Димитриева за Демир Капија

  • Ѓорги Крстевски за Росоман

  • Стевче Стевановски за Новаци

  • Златко Силјановски за Дебарца

Од партијата порачаа дека станува збор за луѓе со кредибилитет, активни во локалните заедници, со силна поддршка меѓу граѓаните. Во следниот период, сите кандидати ќе работат на терен, ќе воспостават директна комуникација со жителите и ќе креираат програми со реални проекти и приоритети.

Централниот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ ќе им биде логистичка поддршка, особено за поголеми капитални проекти, најавија од партијата.

Со овие осум нови имиња, ВМРО-ДПМНЕ досега има објавено 33 кандидати за градоначалници, што, според нив, ја позиционира партијата како најподготвена за претстојниот локален изборен циклус.

„Оние кои досега успешно водеа општини ќе добијат шанса за продолжување на мандатот, додека новите имиња носат свежа енергија, локално искуство и поддршка од колегите и партијата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Слични содржини