ВМРО-ДПМНЕ ги преслика нашите идеи во нивната програма, обвинија од ЛДП

од Nikola Popovski
198 прегледи

Либерално-демократската партија денеска испрати порака дека нивните идеи не само што се препознаени, туку се и пресликани во изборната програма на други политички опоненти, како ВМРО – ДПМНЕ.

„Ние, како Либерално-демократска партија, веруваме во вредностите и принципите за слобода, правда и еднаквост и сме посветени на подобрување на животот на граѓаните во нашата Македонија. Нашиот приоритет е да изградиме подобра Македонија за сите нас, преку иновативни политики и посветеност кон основните вредности на општеството“, истакна Игор Вељаноски, член на извршниот одбор на Либерално-демократската партија.

Како што посочи, борбата против корупцијата и заштитата на правата на граѓаните се од суштинско значење за нашата земја.

„Ги покануваме колегите од другите партии да одржиме заедничка сесија за разгледување на идеи и им упатуваме благодарност на граѓаните за нивната поддршка и доверба“, потенцираше Вељаноски.

Тој потсети дека главните приоритети на ЛДП се економијата, образованието, здравството, социјалната заштита, човековите права, правдата, спортот, културата и животната средина, порачувајќи дека тие се клучни сегменти на кои се фокусирани и преку кои со максимална посветеност ги негуваат основните вредности на општеството.

„Нашата заложба се квалитетни, стручни, но и одржливи институции. Затоа, ние се бориме за намалување на бројот на министерства и други органи, воведување на систем со 90 пратеници наместо досегашните 120, и воведување на една изборна единица со отворени листи за избор на пратеници и советници. Сметаме дека овие мерки ќе овозможат подобри и поодговорни претставници пред граѓаните, како и значителна финансиска заштеда“, заклучи Вељаноски.

Слични содржини