„Актуелни и поранешни партиски функционери на СДС бараат промени во раководството, само за Филипче тоа не важи“, повторно соопштија од ВМРО-ДПМНЕ, како дел од низата прес-конференции насочени кон раководството на партијата на Венко Филипче.
ВМРО-ДПМНЕ тврди дека СДСМ и натаму е без никакви промени во врвот, а на Филипче тоа му одговара.
-Откако веќе јавно се повеќе актуелни и поранешни функционери бараат промени, станува јасно во јавноста дека Филипче се повеќе го губи легитимитетот во партијата.
Наместо да понесе одговорност за лошите резултати за кои тој лично е виновен, тој продолжува по старите познати чекори и не поднесува оставка, туку продолжува да изработува за Заев, со поставувањето на Трајановски за потпретседател.
Народот воопшто не очекува резултати од Филипче, кој несомнено е продолжена рака на Зоран Заев во СДС. Затоа и јавноста, но и членови, активисти и симпатизери на СДС бараат оставка од Филипче и промени во раководството.
Доколку СДС сака да исчезне од политичката сцена, Филипче нека продолжи така, порача Валентин Манасиевски, член на ЦК на партијата на Христијан Мицкоски.
Отсуството на дебата за претходните резултати доведоа до пораз на СДСМ на локалните избори, смета пратеничката Славјанка Петровска. Во интервју за Радио Слободна Европа, таа вели – партијата не смее да заборави дека освоила само 126 илјади гласови и шест градоначалници и укажува – до следниот конгрес, актуелниот претседател ќе има сериозен предизвик да понуди јасна платформа за излез од кризата.
По изборниот пораз Филипче најави смени во раководните позиции на партијата. Потоа следуваше оставката на потпретседателката Ана Чупевска, на чие место дојде лекарот Александар Трајановски. Иако Филипче оцени дека неговото назначување ќе донесе свежина во партијата, ВМРО-ДПМНЕ во него гледа лојален човек на Заев.