ВМРО-ДПМНЕ го критикува разрешувањето на медицинскиот директор на Токсикологија, ветуваат укинување на организациските директори на клиниките

од Nikola Popovski
426 прегледи

Разрешувањето на медицинскиот директор на Клиника за токсикологија е уште еден показател за негативна селекција во здравството, а воедно и поддршка за самоволието на некомпетентни економските директори, велат од ВМРО-ДПМНЕ по последните случувања на една од скопските клиники.

Од партијата потенцираат дека „владеењето по принципот „како до сега“ е одраз на функционирањето на власта во заминување за која синоним се сомнителни набавки, непотизам и дуализам во здравството кој што е основа за самоволие и уцени, наместо професионализам и промоција на проекти за унапредување на здравствениот систем“.

Партијата на Христијан Мицкоски постави неколку прашања:

-Дали се точни информациите дека економската директорка Иљази  за два месеци го зголемила долгот за два милиони денари? Дали воопшто доаѓа на работа економската директорка и со кои компетенции и работно искуство доаѓа на оваа позиција? Дали се точни информациите дека поради одбивање да потпише согласност за договор на дело за двајца дипломирани биолози, токсиколошката лабораторија веќе два месеци  не врши валидација на издадените резултати, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ во кое се најавува дека доколку дојдат на власт, ќе следува укинување на организациските директори на клиниките.

Ова следува по превирањата на Клиниката за токсикологија откако вработените изнесоа серија обвинувања за организациската директорка Бесија Иљази, за која тврдат дека донела дезорганизација на Клиниката. Иљази покрај тоа што за два месеци раководење го зголемила долгот на клиниката за два милиони денари, не доаѓала на работа. Ова се само дел од низата обвинувања од страна на вработени во Клиниката.

Вчера професорот и долгогодишен доктор на Клиниката, Нико Беќаровски придружуван од други лекари, соопшти дека најголем проблем со кој во моментов се соочува институцијата е функционирањето на лабораторијата.

„Секој кој малку разбира токсикологија, знае дека токсиколошка клиника без токсиколошка лабораторија не може да функционира. Во моментов таму функционира само еден лаборант, а за минимум да работи оваа лабораторија, потребни се барем двајца дипломирани биолози и уште еден техничар со средна медицинска спрема“, појасни тој на прес-конференција. Лекарите алармираа за хаосот што се случува на Клиниката, особено, како што велат, откако била назначена економската директорка.

Тој се пожали на отпор и несоработка од страна на Иљази. Беќаровски тврди дека во неколку наврати било барано да се вработат двајца лаборанти и еден болничар, но директорката инсистирала да се вработат 18 лица кои претходно биле примени со договор на дело, а на кои им истекле договорите.

Министерот за здравство, пак, Илир Демири, рече дека немал замерки, ниту имало пропусти за работењето на директорката и најави разрешување на медицинскиот директор д-р Данил Петровски.

Во однос на информациите дека организациската директорка доаѓала на работното место само по четири часа, Демири најави дека инспекциските служби ќе треба да го утврдат тоа и рече дека доколку е вистина ќе ја разреши Иљази.

Слични содржини