По критиките кон новинарот Сашо Орданоски по неговите ставови за актуелната американската администрација, ВМРО-ДПМНЕ сега упати соопштение и за ставовите на екс-претседателот Стево Пендаровски.
-Освен нивните аналитичари, сега и Стево Пендаровски од СДС, а воедно и поранешен претседател на државата предложен од СДС, кој на последните избори изгуби со историски низок резултат, покажа дека се сврте заедно со СДС против стратешкиот партнер на Македонија, САД. Ова говори дека СДС и на планот на меѓународната политика лажеле дека САД е стратешки партнер или дека сега целосно забегале, рекоа од партијата на власт ова утро.
Според ВМРО-ДПМНЕ, Пендаровски уште еднаш и покажа на јавноста дека е само, како што велат, аналитичар, поточно импровизатор и оговарач. Според партијата од „Белата палата“, екс-претседателот се занимава со „рекла-кажала муабети“.
-И не само што се занимава со озборување, тој влезе и во зоната на недозволено однесување кога станува збор за дипломатија и меѓународна политика. Па така, Пендаровски од СДС говореше како разбрал за време на средби со дипломати што се зборувало со владини претставници нешто што е национален интерес на Македонија. Со ова Пендаровски од СДС влезе и во сферата на откривање на државни позиции, стои меѓу другото во партиското соопштение.
Пендаровски пред два дена рече дека е загрижен нашето позиционирање во однос на администрацијата на новиот американски претседател Доналд Трамп.
-Ставот на премиерот Христијан Мицкоски, по враќањето од Америка, дека треба да се навикнеме на ова ново нормално и дека тоа ново нормално ќе го преплави светот, е опасна теза, смета екс-претседателот.
Тој оценува дека Македонија како мала држава, не смее да истрчува и да затстанува рамо до рамо со Трамп, против ЕУ, имајќи предвид дека големите држави мерат и мудро вагаат каде и како ќе се позиционираат. Во својот последен настап, Пендаровски го нарече Трамп „трансакциски лидер“, алудирајќи дека Македонија нема што да му понуди, бидејќи, според него, таквиот начин на водење политика се базира исклучиво на пари и ресурси.
Претходно ВМРО-ДПМНЕ го обвинуваше СДСМ за изјавите на Орданоски насочени кон новата американска администрација. Партијата на власт ја критикува партијата во опозиција дека продолжува да тоне во сопствената безидејност и упорно го чува Орданоски.