ВМРО-ДПМНЕ излезе со соопштение по денешните пораки од првиот синдикалец во државата, Слободан Трендафилов. Од партијата не се огласуваат за објавеното видео од нивната пратеничка на кои може да се видат децата на Трендафилов, туку доколку „смета дека му е загрозена приватноста, нека пријави во надлежните институции“. Сепак, тврдат дека претседателот на ССМ „сака да се претстави како жртва на прогон“.
„Фијаското на протестите на ССМ и Трендафилов пред Собранието, како и обелоденување на партиската позадина која стои зад протестите, се причина за огромната нервоза на Слободан Трендафилов, кој сака да се претстави како жртва на политички прогон.
Трендафилов користејќи ја ситуацијата на жртва, призна дека има 57.000 денари плата, како и дека користи службено возило.
Човекот кој лицемерно се „бори“ за зголемување на минималната плата за 200 евра и останатите плати за 100 евра, призна дека зема околу 1000 евра плата, или 2,5 минимални плати, а нашите сознанија говорат и дека добива дополнителни финансиски средства во форма на бонуси и додатоци.
Доколку Трендафилов смета дека му е загрозена приватноста, нека пријави во надлежните институции.
Дополнително, го советуваме Трендафилов, помалку да ги слуша советите од Филипче, а повеќе да се интересира за интересите на работниците. ВМРО-ДПМНЕ и натаму ќе работи на зголемување на платите во сите сектори“, стои во партиското соопштение.
Претседателот на ССМ побара МВР, министерот Тошковски и Обвинителството веднаш да преземат мерки против пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, која, како што рече, „му ги објавила малолетните деца за да може сите да ги оцрнуваат и на таков начин да го уценуваат“. Побара од претседателот на Собранието, Гаши, да поведе постапка за одземање на пратеничкиот имунитет на Стојаноска.
Видеото било објавено вчера, спроти протестот, односно блокадата на Собранието која ја организираше ССМ како дел од борбата за зголемување на работничките плати. На снимката се гледаат Трендафилов и неговите две деца (чии лица се затемнети), како се упатуваат и влегуваат во возило, што е проследено со коментар на Стојаноска „не слушајте го што зборува, туку гледајте го како се однесува… Трендафилов, службеното возило на ССМ и приватните обврски…“
„Се случија големи катастрофи со деца. Не сакам да верувам дека целта им била тоа“, рече Трендафилов, додавајќи дека наместо премиерот да дава изјава дека „ова е само почеток“, со заканите по неговите деца и по неговото семејство, ќе дадел оставка или најмалку, ќе ја разрешел Стојаноска. Со слични оцени тој се осврна и на Владата, за која рече дека во „нормални држави“ за ваква работа би паднала, истовремено повикувајќи го претседателот на Собранието да поведе постапка за одземање на пратеничкиот имунитет на Стојаноска.