ВМРО-ДПМНЕ го обвинува Филипче дека му „става јамка на вратот на македонскиот народ“

„Европската идеја е жива и ние достоинствено ќе ја браниме затоа што таа е идеја на почит, добрососедство и прифаќање на идентитетот на сите“, порачуваат од најголемата владејачка партија

од Nikola Popovski
22 прегледи Фото: Фејсбук/ВМРО-ДПМНЕ

„Дали СДС е свесен дека цената на ова што го збори е национално предавство и уништување на идентитетот и ставање на нова јамка на вратот на македонскиот народ како што веќе ставија со францускиот предлог и договорот со Бугарија“, велат од ВМРО-ДПМНЕ за ставовите на СДСМ по вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски за евроинтегративниот пат на Македонија. Според најголемата владејачка партија, како што велат, оваа слаткоречива изјава на Филипче полна со загриженост за иднината на народот е всушност параван за предавство.

„Европската идеја е жива и ние достоинствено ќе ја браниме затоа што таа е идеја на почит, добрососедство и прифаќање на идентитетот на сите, а не потчинување и понижување на нашиот народ како што СДС тоа го замислува. Ние се бориме за решение кое ќе е достоинствено и нема да потклекнеме пред притисоците, предавствата и интригите на СДС кои се полоши и од оние кои сакаат наше обезличување“, тврдат од таборот на Мицкоски.

Додаваат дека „кога ви зборува Филипче само потсетете се кој е тој, какви се неговите морални вредности и со која екипа лојално и бескомпромисно ја уништуваше Македонија“.

„Тоа се зборови на човек кој е потонат во криминал, без ронка респект кон својот народ и држава и кој спие на увото дека нашиот народ ќе ги заборави сите злодела што тој и Заев ги направија и дека има кратко памтење и повторно ќе го прелажат. Овие луѓе ги знаете, ништо добро Македонија не видела од нив. Ниту пак ќе види“, истакнаа од партијата на власт.

Лидерот на социјалдемократите на денешната прес-конференција соопшти дека партијата во следниот период ќе ги зајакне активностите, користејќи ги сите расположливи демократски механизми во борбата за европска Македонија. Според него, со последната изјава на премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ е јасно што се случува во земјата, односно дека таа се турка во изолација. Истовремено, најави дека СДСМ ќе се спротивстави на најавите за изолација на земјата и повика на обединување околу европската иднина на земјата.

Слични содржини