Панче Тошковски, претседателот на статутарната комисија на ВМРО-ДПМНЕ, по завршувањето на состанокот на Централниот комитет на партијата, изјави дека едногласно е донесена одлука претседателот на партијата, Христијан Мицкоски да преговара за формирање на ново парламентарно мнозинство и да ја состави новата влада. 
„Втората одлука што ја донесе ЦК е одлуката за измена на статутот на партијата во насока на политичката демократизација на партијата. Ќе дојде до пренесување на поголеми надлежности на членството и органите и телата на партијата, следејќи ги современите искуства на големите десничарски партии. ВМРО-ДПМНЕ на новите претседатели кои се бираат на конгрес согласно новиот статут им го ограничува мандатот на четири години, при што максимум на истата функција, кои да било функционери, може да се задржат најмногу три мандати и тоа под услов третиот мандат да е избран од страна на партиските органи и тела со двотретинско мнозинство. Новиот статут исто предвидува и Унија на ветерани и формирање на интелектуалци на партијата“, соопшти Тошковски.
Според него, новите измени се револуционерни во насока на поголема демократија во водењето на партијата.
„Во иднина, ВМРО-ДПМНЕ ја укинува и функцијата почесен претседател и отсега ниту Груевски ниту кој било друг поранешен претседател ја немаат таа функција“, изјави Тошковски.