ВМРО-ДПМНЕ го критикува првиот вицепремиер Артан Груби дека кажува лаги во однос на најавите за потребното мнозинство за отворање на Уставот и внесување на бугарското малцинство во преамбулата.
Од најголемата опозициска партија бараат власта „ако имаат пратеници за уставни измени уште наредна недела нека ги стават на дневен ред, ако не Ковачевски веднаш да си поднесе оставка“.
-Соочени со секојдневните неуспеси и порази на секое поле, владата на Ковачевски се обидува очајно да направи дефокус . Тоа што нема учебници во образованието, тоа што Македонија има највисока стапка на инфлација и најниска стапка на економски раст. Тоа што се до гуша заглавени во криминал, се обидуваат да го покријат со лажни вести. Редот да шири лаги денес му е на Артан Груби, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Груби денеска од Арачиново изјави дека очекува проевропското крило во опозицијата да гласа „за“ уставните измени.
-Сметам дека проевропското крило кое е во подем во опозицијата во Собранието ќе даде поддршка за уставните измени и веќе имаме контакти, комуницираме со пратениците, претседателите на политичките партии за начин на кој и тие ќе ја дадат својата поддршка за европска Македонија, дециден е вицепремиерот.