Трет ден како продолжуваат протестите на најголемата опозициска партија во земјата. Со по неколку десетици демонстранти и паркирани автомобили, ВМРО-ДПМНЕ и денеска блокираше три раскрсници во Скопје и низ неколку други градови.
Под мотото Доста е, Излези за Македонија, од партијата информираат дека протестите се против, како што велат, новиот обид за продажба на националните и државни интереси од страна на Зоран Заев и Владо Бучковски.
Протестите ќе продолжат и во иднина, велат од ВМРО-ДПМНЕ, се додека Владата не открие што содржи т.н патоказ со кој се преговара со Бугарија.
Од владеачката СДСМ соопштија дека фијаското на таканаречените протести на Христијан Мицкоски покажува дека дури ниту во неговата партија веќе не му веруваат лагите што секојдневно ги пласира.
„Се помалку членови на ВМРО-ДПМНЕ учествуваат во блокадите на Мицкоски, кои ги нервираат граѓаните и го отежнуваат нормалното секојдневно функционирање. Додека Мицкоски измислува непостоечки проблеми за да си ја здржи фотелјата во белиот дворец, СДСМ, Владата и парламентарното мнозинство остануваат посветени на реформите што носат развој, што носат напредок во интеграцијата кон ЕУ“, посочуваат од СДСМ.