ВМРО-ДПМНЕ ќе достави листи за кандидати за пратеници- информираа од партијата.
Од таму велат дека ЦК на партијата одлучил до ДИК да се достават листите со кандидати за да се испочитуваат Уставот и законите. Членовите на Централниот комитет исто така одлучиле за учество на преговарачкиот тим на ВМРО ДПМНЕ во процесот на изнаоѓање излез од кризата.
Претходно, партијата Народно движење за Македонија (НДМ) на Јанко Бачев попладнево поднесе кандидатски листи за предвремените парламентарни избори закажани за 5 јуни.
Во ДИК ги разгледуваат листите поднесени од Бачев.
Исто така денеска од ДУИ, ДПА и СДСМ информираа дека нема да поднесат кандидатски листи.
Според Роковникот за извршување на изборни дејствија за предвремените парламентарни избори на 5 јуни, вечер на полноќ истекува рокот за поднесување листи на кандидати за пратеници во Собранието на Република Македонија.
Откако ќе ги добие листите, ДИК има 48 часа за да утврди дали листата на кандидати е поднесена во утврдениот рок и дали е составена во согласност со одредбите на Изборниот законик. Евентуалните недостатоци, подносителите на листите ќе треба да ги отстранат исто така во рок од 48 часа.