ВМРО-ДПМНЕ и понатаму ја критикува „анти-Трамп реториката“ на Орданоски и чека став од СДСМ

од Nikola Popovski
117 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ продолжи да го обвинува СДСМ за изјавите на новинарот Сашо Орданоски насочени кон новата американска администрација. Партијата на власт ја критикува партијата во опозиција дека продолжува да тоне во сопствената безидејност и упорно го чува Орданоски.

-Или пак, имајќи во предвид дека низ целиот досегашен работен век сите јавни настапи и пишани дела на Сашо Орданоски секогаш биле на иста линија со СДС и ги величел и фалел неговите политики и лидери, дали и сега по нивна препорака, да не речеме наредба, бил пратен на национална телевизија да упатува навреди и говор на омраза? Со ваквите потези СДС покажуваат де се спаднати на нивото на нивниот коалиционен партнер Левица и се пуштија во лов, кој од нив ќе придобие повеќе опозициски гласови со анти САД и анти Трамп реторика, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата на Христијан Мицкоски додава дека на Македонија не ѝ требаат измислени непријатели, како што тоа го прават СДСМ со коалицијата Левица.

-И птиците на гранките знаат дека Сашо Орданоски е човек на СДС и близок советник на Филипче, нивен гласноговорник, испостава и продолжена река, наведуваат од „Белата палата“.

Релативно лошо образуван човек и исклучително нарцисоидна личност со мали културолошки познавања и неонацистичка реторика – ова накусо беше описот што Орданоски го даде за амаериканскиот претседател Доналд Трамп. Меѓу другото рече и дека Путин го намачкал Трамп на лепче и дека првиот човек на најмоќната држава на светот бил на страната на злото и идеолошки заљубен во рускиот претседател.

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) бара да престанат партиските пресметки во кои се користат имиња и ставови на новинари, бидејќи, велат тие, ваквата практика е неприфатлива и штетна за целиот медиумски простор.

-Посебно загрижува фактот што пратеник на владејачка партија, на две последователни прес-конференции, употреби несоодветни квалификации за новинарот Ордановски, врамувајќи го во политички и партиски контекст. Оваа реторика, кога доаѓа од политички функционери, не само што е контрапродуктивна за слободниот јавен дискурс, туку создава и ризик од продлабочување на недовербата и поттикнување негативни чувства кон новинарите, реагираа вчера од ЗНМ.

По реакциите од јавноста и владеачката партија, во петокот се огласи и самиот Орданоски. На шеговит начин во емисијата „Политиканти“ објасни дека „фрлил петарда во кокошарник и почна да летаат пердуви…“.

-Во психологијата има една теорија дека потребата на луѓето да мразат е поголема од потребата да сакаат. Во политиката, традицонално десничарските партии играат со стравовите, а левичарските со надежите. Стравот е многу посилно чувство и чувство кое мобилизира. Проблем кај него е кога ќе си играш со стравот, ако ти излезе од контрола, тогаш е многу опасно. Кај надежите, ако ти излезат од контрола, ќе ги изгубиш изборите и толку, додаде новинарот, посочувајќи дека нема социјални мрежи и не „го допираат“ коментарите и реакциите кон него за неговите ставови.

-Моето едно појавување со еден одличен професионалец како што е Гоце Михајловски од Канал 5 ја покрена дебатата. Додека траат овие плукања, дебатата е почната и веќе се одвива. Немам други амбиции ниту можам да го сменам светот. Нашата работа е да ги отвораме дебатите. Плукајте на мене ама разговарајте за ова што вчера зборувавме, кажа Орданоски.

Слични содржини