ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ без кандидати за градоначалници за Тетово, Гостивар и Струга? Никовски: Како што на времето викаше Доста Димовска дека „нѐ интересира до Групчин, после него не нѐ интересира“

Ако ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не излезат со кандидати за дел од општините во Западна Македонија, може да се тврди дека Левица ќе профитира, но прашање е дали партијата е прифатлива за сите - вели аналитичарот Никовски за „Локално“

од Nikola Popovski
1,6K прегледи

Тоа не е нова пракса, но во секој случај погрешна. Според многу индикатори, очигледно прифативме некаква поделеност на државата, како што на времето што викаше Доста Димовска која беше втор човек во ВМРО-ДПМНЕ во времето на владеењето на Љубчо Георгиевски дека „не интересира до Групчин, после него не не интересира“, вели во разговор за „Локално“, политичкиот аналитичар и поранешен амбасадор, Ристо Никовски за информацијата дека големи се шансите најголемите партии во државата, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да не излезат со свои кандидати за градоначалници во дел од општините од Западна Македонија, како што се Тетово, Струга, Гостивар…

Според него, тоа е апсолутно погрешна политика и претставува рушење на македонската држава. Никовски истакнуват дека партиите треба да сфатат дека нивна должност е да го одржат унитарниот карактер на Македонија.

На прашањето зошто партиските дилови се поважни од добробитот на сите кои живеат таму, и Македонци и Албанци, во однос на Тетово, аналитичарот оценува дека градот е своевидна приказна, но слично е и во Кичево и Струга.

-Македонските партии меѓусебе се конфронтираме како што подолго време е пракса – меѓусебе би си ги извадиле очите, додека албанскиот фактор на еден или друг начин се консолодира, си ги почитува своите интереси и на крајот на краиштата, имаат апсолутно единствен став за националното прашање. Македонските партии за ништо немаат договор и нема ништо свето за нив. Спремни се да продадат и име и презиме и национален идентитет за некакви лични, партиски и не знам какви други интереси, потенцира Никовски.

Аналитичарот смета дека партијата Левица може да ја искористи ваквата ситуација во поголемите општини во Западна Македонија, но, сепак постои една дилема.

-Со сигурност може да се тврди дека Левица ќе профитира од ваквиот однос на другите. Прашање е само дали е таа прифатлива за сите, прашува Никовски.

За останатиот дел од експертската јавност, ваквиот потег на двете најголеми партии од македонскиот блок се должи на договори и политика. Во разговор за „Локално“, претпоставуваат дека е проценка да не се учествува во битка во која нема можност да се победи, но и концентрирање на борбата за местата во советот, кои без оглед дели некој ги цели и вреднува или не, во пракса се испоставува дека се исклучително битни.

Партиски дилови и политика пред доброто за граѓаните: Зошто ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ги „препуштаат“ Тетово, Гостивар и Струга без борба?

Извесно е дека по долгото и топло лето, не очекува политички жешка есен. Исто така, извесно е дека двајца членови на Владата од редовите на коалицискиот партнер ВЛЕН, ги напуштаат позициите и влегуваат во трката за градоначалнички места.

Изет Меџити ја напушта вицепремиерската позиција и силите, во скопски Чаир, ќе ги одмери со Бујар Османи од ДУИ.

Министерот за социјални прашања, Фатмир Лимани, ќе се обиде да го освои Кичево. Ова нема да предизвика застој во работата на Владата, а до пополнувањето на испразнетите позиции на есен, функцијата ќе извршуваат нивните заменици, велат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Внатрепартиските дебати во ВМРО-ДПМНЕ, како и разговорите со коалициските партнери за дел од кандидатите, сè уште се во тек. Меѓудругите, отворено останува и прашањето кој ќе биде противкандидатот на Горан Трајковски, поранешниот директор на пазарниот инспекторат, кој е кандидат на СДСМ за Кисела Вода. И од опозициската партија најавуваат дека преостанатите кандидати, ќе ги објават во следните десетина денови.

ВМРО – ДПМНЕ ќе победи во најмногу општини, вклучително и во градот Скопје, каде противкандидат на Орце Ѓорѓиевски ќе биде Каја Шукова. Сдсм пак, нема да се бори за победа, туку за стабилизација и подготовка за претстојните парламентарни избори, смета дел од експертската јавност.

Н.П.