ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН го отвориле прашањето за промена на државниот грб

од Nikola Popovski
164 прегледи

Владеачките ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН разговарале за евентуална промена на државниот грб. Според премиерот Христијан Мицкоски, во минатото имало договор меѓу неговата партија и ДУИ, додека премиер беше Никола Груевски, во периодот 2014-2015 година.

Мицкоски информира дека ова прашање е отворено и цени дека „ние сме една од двете пост-социјалистички кои што се уште го имаат стариот државен грб со мали модификации“.

Идејата беше спомената и во 2023 година од страна на универзитетскиот професор Александар Спасеновски. Во таа прилика тој тогаш кажа:

„Можеби враќањето на старата дебата некаде од 2014-2015 година за менување на актуелниот државен грб на државата, нешто што како проект беше започнато од минатата влада, беше обезбедена согласност од ДУИ, е еден од начините како да се овозможи земање предвид на интересите, на заложбите, на најголемиот дел од конзервативниот дел од државата, но истовремено да се најде начин како резултат на таквата отстапка/решение да се дискутира со опозицијата и да се обезбеди нејзина согласност околу текстот на уставните измени“.

Ваквата идеја потекнува од 2014 година кога владата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Груевски излезе со таков предлог. Тогаш стануваше збор за црвен лав на златно-жолта позадина во форма на штит, како и круна во горниот дел во форма на тврдина. Меѓу објаснувањата на тогашната власт беше дека Македонија и Белорусија биле единствени во Европа што имаат државен грб инспириран од советската хералдика.

Тогаш ДУИ се согласи на ваков државен грб, нагласувајќи дека лавот е дел и од албанската традиција, а го има и во грбот на градот Тирана. Круната, пак, рекоа, го претставува Скопското кале.

До 2009 година, Македонија го користеше стариот социјалистички грб, додека пак на 16 ноември 2009 година е усвоен грб кој е многу сличен со стариот социјалистички и разликата е во тоа што е тргната црвената петокрака.

Слични содржини