
ВМРО-ДПМНЕ најостро ја осудува изјавата на градоначалникот на Дебар, Ружди Лата, која го уништува духот на соживотот и длабоко го поткопува темелот на државноста и уставното уредување, порача на партиска прес-конференција денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев.
Тој ја обвини СДСМ дека е главниот поттикнувач на големоалбанските тенденции.
– Ваквите националистички и ретроградни изјави кои зачестија во последниот период се предизвикани директно од антидржавното делување на криминалецот Зоран Заев, неговите антидржавни ветувања во Берн и прифаќање целосно да ја реализира Тиранската Платформа.Покрај Лата, вакви антидржавни изјави се изнаслушавме и од Зијадин Села, коалициониот партнер на Заев, од кого зависи мнозинството на СДС во Парламентот, Еди Рама, Хашим Тачи, Дитмир Бушати и Месила Дода и ниту една изјава не беше осудена од страна на СДС. Зоран Заев и СДС се главен поттикнувач на „Големо Албанските“ апетити во Македонија и во регионот. Заев ги разбуди духовите на минатото и шовинистичките и иредентистички намери на одредени кругови во регионот – рече Данев/Мета.