ВМРО-ДПМНЕ излезе со „Платформата 1198“: „Ветувањето за покачени пензии за 5000 денари – фактички ти кажува дека те лаже, само не сака да ти каже те лажам“

од Nikola Popovski
479 прегледи

„Платформа 1198“ за исто толку проекти колку што планира да реализира владата на ВМРО-ДПМНЕ. Програмата презентирана преку панел дискусии и образложена од претседателот на партијата, Христијан Мицкоски. Во неа, според него, граѓанинот е во фокусот преку подобрување на животниот стандард и економијата. Партијата ветува 3 милијарди евра за капитални инвестиции, нови 55.000 работни места до 2028, рамни и ниски даноци кои создаваат фер услови, борба со сивата економија, изградба на енергетски капацитети и создавање на Министерство за енергетика. Се најавува и економски раст од 5 % што е далеку од проекциите на ММФ или Светска Банка, невработеност на 7.5 %, инфлација од 2-2.5 %, дефицит под 3 %… Исто така 5.000 денари повисоки пензии во првата година, поддршка на младите и семејствата, 6 бесплатни ин витро интервенции за идните родилки, по 50 милиони евра за спортот и културата и 800 милиони евра за земјоделството, ветува ВМРО-ДПМНЕ.

Дел од аналитичарите во земјава сметаат дека програмата не носи ништо ново во областа на економијата. Економистот Абил Бауш се сомнева дали платформата е издржлива и дали може да се направат работи во кои тие планираат да инвестираат.

-Дали таа програма е создадена за економски раст и развој е друго прашање кое треба подлабоко да се анализира. Треба програмата да биде во писмена форма, а не само да ја декларираат. Знаат да направат добар маркетинг…, вели Бауш во разговор за „Локално“.

Абил Бауш

Економистот очекува од една десноориентирана партија да биде поиновативна во првата и втората година од мандатот.

-Оптимистички треба да имаме една обнова на економските параметри. Можно е да имаме економски раст повеќе од 5%, но не е во тие цели кон тие што е се стремат. Треба конкретно да кажат како ќе дојдат до тој раст – нас не ни треба Влада за економски раст од 3%, самата администрација ќе го направи тој раст и развој. Како ќе се направи тоа? Во програмата треба да се дефинира од даночната реформа до капиталните инвестиции. Економски раст не може да се направи ако вие немате даночна реформа и да ја сузбиете сивата економија. Како вие ќе ја намалите невработеноста во услови кога имате недостаток на квалификувана работна сила, а имаме потреба на пазарот? За еден мандат не се прави тоа – потребни се декади за да едуцирате, посочува соговорникот.

Според него, постои голем парадокс во предизборната програма.

-Ако имате економски раст кој оди со капитални инвестиции и буџетски трошења – буџетските трошења и дефицитот од 2% не одат заедно. Ако тоа сакате да го направите, потребни се тешки и длабоки реформи во економијата, истакна Бауш.

Околу најавеното ветување за линеарно покачување од 5000 денари на пензиите, економистот тврди дека ако ја намалите невработеноста на 7%, реално е да имате покачување на пензиите, но ќе морате да работите на нова методологија на пресметка на пензиите.

-Реална би била „кејнзијанска теорија“ – 4 вработени да оддржуваат еден пензионер. Кај нас 1 до 2 издржуваат пензионер, а другото го надополнува Буџетот на државата. Треба да контролирате буџетски дефицит, економски раст од 5 и да ја намалите невработеноста итн. Се на се, немаме интегрирани мерки во политичката платформа. Очекував од сите партии да имаат поиноватен и подобар пристап кон економските проблеми со кои се соочуваме, заклучува Бауш.

И универзитетскиот професор Ванчо Узунов вели дека не би се обложувал дека е можен економски развој и квалитетен животен стандард со најавената Платформа 1198 затоа што, како што вели, за да може да се остваруваат такви резултати, потребни се реформи кои тешко можат да бидат спроведени и бараат многу жртви, пред се во политичка смисла, што досега ниту една партија, а најмалку ВМРО-ДПМНЕ, покажала спремност дека ќе ги направи.

Ванчо Узунов

-За да бидат остварени некои работи кои се добри за Македонија, како што е една мала економија, потребно е да биде поволно и меѓународното опкружување, врз кое што ниту една партија или влада нема никакво влијание. Тоа е за нас дадена варијабла. Целото тоа е предизборна програма и ништо повеќе, рече Узунов во разговор за „Локално“.

Според него, ветувањата и најавите се „ајде да си посакаме нешто убаво и толку“.

-Да се остварливи туку така и да може да го гарантира било која партија во Македонија – нема врска. Тоа не е невозможно. Не зависи само од сакање, туку од работа на многу луѓе. Владата треба да направи услови, но нема да ги направи бидејќи досега не покажала желба. Не е ова првпат нудење, имаме минато искуство. Ова е само една напишана преизборна програма и толку. Бог да чува ако ова треба да го земеме како факт, дециден е професорот.

За најавите околу пензиите, според Узунов, се само лажни ветувања.

-Фактички ти кажува дека те лаже. Само не сака да ти каже те лажам. Ако сакаме да воспоставиме систем за да биде регулирано, треба да биде врзано во систем. Ако сакаме да биде одржливо, прво не треба да каже бројки и толку илјади денари, туку некакви проценти и релативен однос меѓу параметрите. Второ да објасни дека целиот систем е доследен, а не само ќе ви ја покачам платата. Ние треба да очекуваме дека утре политичарите ако освојат власт, ќе донесат пари од дома и ќе ги делат? Тоа сакаат да ни го кажат? Ама бидејќи не го кажуваат тоа, да не лажат на овој ќе ви ја покачиме платата или пензијата е лажење во очи. Граѓаните треба да го знаат. Да ми докажеш систем, па да дискутираме, а вака значи се лажеме, објаснува универзитетскиот професор.

Н.П.

Слични содржини