Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ја предлага пратеничката Рашела Мизрахи да биде претседател на Анкетната комисија за случајот со Клиниката на онкологија. Исто така се предлага членови на Комисијата да бидат пратениците Антонио Милошоски, Гордана Сиљановска-Давкова и Иванка Василевска.
Во 11:30 часот ќе има седница на Комисијата за прашања за избори и именувањата, на која ќе се утврди составот, членови, претседател, а потоа на првата наредна пленарна седница, која најверојатно ќе биде во среда идната седмица, ќе се изгласа и потврди од Собранието.
Мнозинството од шест пратеници и претседател ќе бидат од ВМРО-ДПМНЕ, четворица од СДСМ, двајца од ДУИ и еден од Алијанса. Анкетната комисија ќе има право да предлага сведоци, експерти кои ќе даваат изјави пред пратениците во врска со случајот и во рок на еден месец треба да достават извештај до собранието со кој ќе се утврдува политичка одговорност.
Тим од јавни обвинители и истражители од Основното јавно обвинителство Скопје преземаат дејствија за испитување на наводите кои првично упатуваат на основи за сомнение за сторени кривични дела против здравјето на луѓето и проневера во службата на Клиниката за радиотерапија и онкологија, соопштуваат од Јавното обвинителство, во однос на објавените информации дека со години на клиниката имало злоупотреби со лековите за болните од рак.