ВМРО-ДПМНЕ ја прифаќa иницијативата на СДСМ и Левица за надзорна расправа за загадувањето

од Nikola Popovski
101 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ ја прифати денешната иницијатива на опозициските партии СДСМ и Левица за свикување надзорна расправа во рамки на Собранието, на која би се разговарало за мерките и активностите што би се спровеле во насока на подобрување на состојбата со загадувањето на воздухот.

-Ја прифаќаме нивната заедничка иницијатива за надзорна расправа за квалитетот на воздухот. И двете партии се во коалиција исто така и со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, едната во формална, едната во неформална коалиција, си имаат поделено повеќе директорски места. Сметаме дека се направени услови и спремни сме да дискутираме за се што е направено и се што не е направено во изминативе години на полето на амбиенталниот воздух, истакна на денешната прес-конференција, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јаревски.

Нагласи дека ќе овозможат дискусија на која, како што рече, ќе имаат можност да дискутираат за сите конкретни планови што Владата ги презема на полето на животната средина.

Иницијативата за Надзорна расправа, како што кажа координаторот на пратеничката група, Оливер Спасовски, ја покренуваат заедно со пратеници на Левица и сметаат дека борбата против загадениот воздух може да ги обедини сите пратеници во македонскиот парламент. Според Спасовски, ваквите деловнички и законски инструменти се една од основните функции на Собранието, за да може сите да седнат на една маса и пред граѓаните да ги отворат сите прашања.

Надзорната расправа ќе се спроведе на собраниската Анкетна комисија со која претседава лидерот на Левица, Димитар Апасиев. Пратеникот Борислав Крмов потенцираше дека за првпат се свикува ваква надзорна расправа со потпис од 15 пратеници, заедно со дел од пратеничката група на СДСМ.

Секоја година во Македонија се бележат околу 3.828 смртни случаи предизвикани од изложеност на честичките ПМ 2.5, кои се меѓу најштетните за здравјето. Особено загрижувачки е дека еден од девет смртни случаи кај деца до една година во земјата е поврзан со загадениот воздух.

Слични содржини