ВМРО-ДПМНЕ бара од портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски да не глуми загрижен и да го поддржи законот за продолжување на важноста на пасошите, затоа што, како што велат, заради СДСМ народот е заглавен.
-Едноставно е да се надмине проблемот кој СДС го создаде, потребно е нивните пратеници да го поддржат предлог законот на ВМРО-ДПМНЕ со што ќе се продолжи важењето на пасошите, порачаа меѓу другото од партијата на власт.
Каевски денеска на прес-конференција порача дека наместо решение, ВМРО-ДПМНЕ преку министерот во техничката Влада само ги компликува работите со личните документи и го заглавува издавањето пасоши.
-Иако Владата донесе одлука возачките и сообраќајните дозволи кои треба да се променат да бидат бесплатни, надлежното министерство касни со реализацијата. Се уште има проблеми и со налепниците за регистарските таблички, МВР не ги доставува редовно и недостасуваат на станиците за технички преглед. Погрешните одлуки, опструкциите на процесот и несоодветните чекори го блокираа и процесот на издавање пасоши, додава Каевски.
Наместо да го зголеми капацитетот за сликање и вадење пасоши ДПМНЕ, вели тој, преку нивниот технчки министер го укина вадењето пасош без закажување.
И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски вчера го повика мнозинството на власта да го поддржат и изгласаат законот кој го предложи пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за продолжена важност за пасошите.
– Доколку постои желба и во актуелното мнозинство сега во парламентот ќе се надмине овој проблем, односно ќе се поддржи законот кој што го предложи пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ со кој што ги третира патните документи и ќе биде продолжено времетраењето на важноста на пасошите – посочи Мицкоски.