ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе интерпелација за Николовски и Маричиќ

од Nikola Popovski

„Вклучен е црвениот аларм одамна. Потребни се оставки, најпрвин од таканаречениот вицепремиер за борба против корупцијата Љупчо Николовски и министерот за правда Бојан Маричиќ, затоа што не само што не се изборија со корупцијата, туку истата е засилена. Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе интерпелација во Собранието за Љупчо Николовски и за Бојан Маричиќ“, изјави денес на прес-конференција, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски.

За Мисајловски, интерпелацијата ќе биде поднесена поради 111 место за С. Македонија на листата за перцепција на корупција на „Транспаренси“.

Според собранискиот Деловник, интерпелација може да постават најмалку пет пратеници за работата на носител на јавна функција, Владата и секој нејзин член поединечно, како и за прашања од работата на државните органи. Функционерот на кој му е поднесена интерпелација има право да достави писмен одговор до претседателот на Собранието, најдоцна во рок од 15 дена од денот на приемот на интерпелацијата.

Кон крајот на минатата година, ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе првата интерпелација против член на новата влада на СДСМ и на ДУИ, односно против вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, поради блокадата од Бугарија.

 

Слични содржини