ВМРО-ДПМНЕ најави ќе поднесе претставка ДКСК со копија од електронскиот приказ на анкетните листови на Венко Филипче од 2018 и 2024 година, од кои јасно може да се заклучи дека податоците од двата анкетни листа не соодејствуваат еден со друг.
Од партијата денеска повторија дека Венко Филипче како министер за здравство во својот анкетен лист пријавил куќа од 464 м2 изградена во 2017 година како и стан од 130 м2 стекнат како подарок во 2016 година, додека пак на име заеднички имот пријавил уште еден стан во Скопје од 50 м2 стекнат со договор за купопродажба во 2010 година.
-Недвижниот имот што Филипче го пријавил во 2018 година, а сега го нема, е над 600.000 евра. Каде е имотот и ако го продал зошто не ги пријавил парите? Недвижниот имот кој Филипче пак го пријавил во 2024 година, а потенцираме е стекнат пред 2018 година, согласно достапните информации може да се процени на над 700.000 евра. Дали Венко Филипче криел имот и притоа заборавил што пријавил во 2018 година? Колку уште имот крие Венко Филипче? Ако се собере вредноста на недвижниот имот на Филипче од 2018 и 2024 година се доаѓа до сума од над 1.3 милиони евра, рекоа од ВМРО-ДПМНЕ.
Според СДСМ, Филипче има ист имот и во двата имотни листа, иста квадратура и вредност на имотот.
-Филипче нема ни метар квадратен повеќе имот и ВМРО-ДПМНЕ ова го знае, но намерно лаже. Разлика која се појавува е заради начинот на пријавување на имотот во ДКСК.
Со новиот начин потребно е да се приложат имотните листови, а не вкупниот имот. Така, становите кои имаат по два имотни листа како споени стамбени единици, сега се прикажуваат како два имоти.
Апелираме до ВМРО-ДПМНЕ да престане да глуми опозиција и слободно да го докаже спротивното, стои во партиското соопштение.