ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува на собраниската комисија која во вторник ќе дебатира за уставните измени

од Nikola Popovski
329 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ ќе учествува на собраниската Комисија за уставни прашања што е закажана за вторник, 25 јули во 10 часот. Според најголемата опозициска партија, нивните пратеници ќе бидат дел од дебатата.

Пратениците ќе учествуваат во дебатата, каде јасно ќе ги кажат аргументите против уставните измени и набргу ќе стане јасно дека за нив власта нема мнозинство, соопштиле од ВМРО-ДПМНЕ за МИА.

Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски пред неколку дена порача дека ќе имаат координација како партија и таму ќе го договорат настапот. Сепак нагласи дека имаат јасен став поврзан со уставните измени,.

Сега е доцна за политички консензус за уставните измени со премиерот Ковачевски. Сега можеме да зборуваме само за еден консензус, а тоа е предвремени парламентарни избори. Доколку седнеме и разговараме, тоа може да биде само дата за избори, кажа Мицкоски.

Од Собранието информираат дека согласно Уставот и Деловникот, претседателот на законодавниот дом Талат Џафери веќе ја закажа пленарната седница за 18 август во 11:00 часот. Согласно законските одредби, Комисијата треба да расправа по Предлогот најмногу десет работни дена. Со оглед на тоа што 2 Август е неработен ден, а за 27 јули веќе е закажана седница за пратенички прашања, се очекува работата на Комисијата за уставни прашања да заврши помеѓу 7 и 9 август. По што, Предлогот ќе се разгледува на пленарна седница, на која дебатата трае до десет работни денови.