Самиот Груби, многу пати во јавноста има кажувано дека ниту една работа не ја прави без одобрение на неговиот лидер, Али Ахмети. Кога дојде момент за одговорност, Ахмети се откажа од својата десна рака Груби, но да потсетиме дека Артан Груби, не е било кој, туку поранешен прв вицепремиер во криминалната Влада на СДС и ДУИ, велат утрово од ВМРО-ДПМНЕ за поранешниот вицепремиер и сега веќе бивш функционер од редовите на ДУИ.
Според партијата на власт, Ахмети и Груби „ја користеа моќта да глумат шерифи и да си ја водат државата како да е во нивна сопственост“.
-Затоа и граѓаните ги казнија на изборите, а и по новите анкети се гледа дека уште долго ќе бидат во опозиција. Доаѓа време на правда и одговорност мора да има, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ се децидни дека партијата на Христијан Мицкоски „го пуштила Груби да избега“. Според нив, Артан Груби и сите за кои во моментот има постапки мора да одговараат пред законот.
-Но за жал, тоа очигледно нема да се случи откако мистериозно Груби исчезна. Го прашуваме ВМРО-ДПМНЕ, кој е политичкиот договор и цена за пуштањето на Груби, прашуваат од СДСМ.
ДУИ не знае каде е Груби и нема комуникација со него – ова вчера го кажа потпретседателот на ДУИ и поранешен сопартиец на Груби, Бујар Османи. Претходно од партијата од Мала Речица рекоа дека екс-вицепремиерот веќе не е нивен член и нема што да коментираат околу него.
-Ако ме прашате зошто бегалец, мислам дека згрешил што избегал. Требаше да остане и да се соочи и да си ја каже својата вистина. Партијата не може да сноси одговорност за 34 илјади членови и нивните постапки, додаде екс-министерот за надворешни работи.
Премиерот Христијан Мицкоски не сака да шпекулира дали поранешниот вицепремиер е во Албанија или во Косово, но како што вели, факт е дека не бил чист како солза, бидејќи во спротивно немало да бега од правдата. Според шефот на Владата, пораките што ги испраќаат СДСМ и ДУИ не се во насока на одлучна борба со криминалот и корупцијата.