Лешинарската политика на Венко Филипче наложи да прави политички поени и од снегот во јануари, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ.
„За разлика од минатите години кога снегот беше прилика СДС да краде, сега институциите делуваат. Наспроти голата реторика на СДС и Филипче, еве ги фактите: Битолската подружница има поставено 370м3 сол и ризла, од Тетово – Стража 400м3 сол и ризла, Штип, Берово, Кочани и Делчево 300м3 сол и ризла. Згрозени сме од лешинарската политика на СДС и Венко Филипче. Тие од снежната бура прават политика, што само потврдува дека тонат во сопствената безидејност“, стои во соопштението на владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно денес, од СДСМ обвинија за лошото справување со последиците од снежните врнежи.
„Снегот предизвика вистински хаос во сообраќајот, не само во населените места, туку и на регионалните патишта и на автопатите. Автопатот „Пријателство“, кај селото Миравци е заледен. Автопатот кон Грција е заледен, и покрај тоа што оваа зима, само досега, државните институции потрошиле 219 милиони денари (3.569.106 евра) за сол и ризла. Најголеми се тендерите на Јавното претпријатие за одржување на патишта „Македонија пат“, кое засега има склучено три двегодишни договори во вредност од по 1,3 милиони евра годишно за сол и ризла. Но, поради неспособноста на надлежните, сообраќајот се одвива отежнато и се зголемува опасноста од незгоди. Пред само неколку дена бројни граѓани со часови беа заглавени во километарски колони во Маврово. Хаос се случи и на патот Тетово – Попова Шапка, каде што патиштата останаа целосно неисчистени. Дополнително, патот до Галичник беше непрооден повеќе од еден месец, оставајќи ги жителите на ова населено место во целосна изолација. Владата на ДПМНЕ и Мицкоски потфрли и со снегот, доведувајќи ги граѓаните во сериозен ризик“, пишува во соопштението на опозициската СДСМ.