ВМРО-ДПМНЕ: Луѓето кои протестираат за да возат без возачки, сликани со Спасовски за време на кампања

-Ги повикуваме надлежните институции да ги санкционираат оние кои се закануваа со убиство и правдата да биде задоволена, побараа од партијата на Мицкоски

од Nikola Popovski
31 прегледи Фото: ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека луѓето што вчера протестираа против проектот „Безбеден град“ биле сликани за време на кампања заедно со поранешниот министер за внатрешни работи и актуелен пратеник на СДСМ, Оливер Спасовски. Од партијата потсетуваат дека СДСМ уште од почнување на тест-периодот на проектот биле против имплементација на истиот, поради, како што велат, нивни причини кои не заслужуваат ниту коментар.

-Но, она коешто е сомнително е како баш овие кои протестираат за да возат без возачки, имаат слика во кампања на СДС и нивниот носител на ИЕ 2 Оливер Спасовски.

СДС да одговори дали стои зад оние кои вчера бараа да возат без возачка дозвола и без регистрација на возилата? Дали ова е начинот на кој СДС ќе посегне да му наштети на проектот “Безбеден град”? Дополнително, ги повикуваме надлежните институции да ги санкционираат оние кои се закануваа со убиство и правдата да биде задоволена, побараа од најголемата владејачка партија.

Премиерот Христијан Мицкоски вчера побара од министерот за внатрешни работи, Тошковски итна и остра реакција против сите лица кои ги нарушија јавниот ред и мир за време на протестите против „Безбеден град“. „Секој оној кој го прекршил законот, јавно упатил закани и го загрозил мирот на граѓаните ќе одговара за да не се повтори тоа дивеење што се случи“, вели тој.

Граѓани од ромската заедница вчера и денеска организираа блокади на патишта во повеќе градови низ државата, изразувајќи незадоволство од воведувањето и примената на системот „Безбеден град“. Протести се одржаа во Кичево, Струмица, Штип, Кочани, Шуто Оризари, како и на главниот пат од Битола кон Преспа.

Причина за протестите се засилените полициски контроли, изрекувањето високи казни и одземањето возила на лица без возачка дозвола. Дел од демонстрантите тврдат дека се дискриминирани, посочувајќи дека поради недоволно образование немаат услови да аплицираат за полагање возачка дозвола.