Го молиме наредниот пат кога ќе излезе Ковачевски на телевизија да си понесе шамивчиња да си ги забрише лажните солзи за тоа зошто нема преговори со ЕУ, порачаа од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на ставовите на премиерот Димитар Ковачевски во гостување на емисија.
Според партијата, претседателот на Владата „треба да знае дека не е до картите распределени за Македонија туку поради отсуството на работа, присутната неспособност и криминал како и отстапките кои државата ги направи без било каков напредок на патот кон ЕУ“.
-Кога Ковачевски се удира во гради дека Шолц кој доаѓа од германските социјалдемократи му е голем пријател тогаш зошто не го замоли да излезе Бугарија кога ќе се одлучува за Македонија во однос на почетокот на преговорите, прашаа од „Белата палата“.
Премиерот и денеска ја повтори онаа изјава која што ја дава во последните неколку дена по неуспехот да издејствува внесување на бугарите во Уставот на Македонија. Тој и натаму смета дека опозицијата е виновна за блокадата на нашиот европски пат.
-Празен гол, пенал, кој заради опозицијата ние не го шутиравме. Нема дополнителни барања, сите хистерии дека ќе го изгубиме јазикот, ќе се бугаризираме, асимилирами ги нема, кажа Ковачевски во „Студио 10“.
Премиерот додаде дека тоа што го прави опозицијата е само замена на тези и бегање од реалноста.
-На нас ни се повтори 2008 година од истите луѓе и политички парии кои тоа време беа против зачленувањето во НАТО и продолжување на евроинтеграциските процеси. Без аргумент и алтернатива велат само ние сме против, рече Ковачевски.