„Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) е единствената институција која ја обединува македонската научна мисла и во нејзиниот состав има научници од различни етнички заедници“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Како критериум за членството во Академија на науките не може да биде етничка или политичка припадност, туку научните достигнувања и придонесот во општеството. Науката не е нешто кое треба и може да се политизира и етнизира.
Науката е столб на напредокот и просперитетот на секое општество и затоа е исклучително важно да се зачува нејзината автономија и непристрасност. Политизирањето на науката може да доведе до субјективност и пристрасност во истражувањата, што ќе го загрози нејзиниот кредибилитет и квалитет. Еден од главните аспекти на науката е нејзината способност да ги премостува разликите и да се фокусира на факти и докази, без оглед на етничката припадност на научниците.
Не’ радува фактот што албанските партии во власта бараат свое место за Албанците во науката, тоа го поздравуваме и покажува разлика од тоа што го правеше ДУИ кои бараа места само во тендерски зделки и при тоа станаа зелена партија.
Науката бара посветеност, напорна работа и високи академски стандарди, кои се основа за постигнување на извонредност и иновации. Само преку строгите критериуми и мерила можеме да осигуриме дека најдобрите и најквалификуваните ќе ги водат нашите научни институции и ќе придонесуваат за нашето општество.
Затоа, мораме да ги задржиме високите стандарди и да се осигуриме дека нашата Академија на науки останува репрезентативна и престижна, базирана на заслуги и академски достигнувања.
Ќе ги адресираме сите проблеми и предизвици во интерес на заедничката држава и заедничкиот патриотизам, но никако на штета на заедничките институции туку во нив“, соопштија оттаму.