Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски синоќа бил во Собранието бидејќи имал средба со координаторот на пратеничката група на партијата, Никола Мицевски, велат од ВМРО-ДПМНЕ за „Локално“ по повод пишувањата дека лидерот на најголемата опозициска партија остварил средба со лидерот на Алтернатива, Африш Гаши.
Од партијата потврдуваат дека Мицкоски попатно во ходникот се видел со Гаши.
-Ништо спектакуларно. Кревањето на ваквата врева укажува на тоа дека таборите од власта си прават позиции за преговори и дека нешто не им оди околу преговорите. Но, тоа е проблем на власта, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Клан Македонија синоќа објави дека Гаши и Мицкоски имале средба во Собранието, при што претседателот на Алтернатива не ја негирал ваквата средба.
-Ова е многу важно за нас. Со оглед на тоа, наша должност е да се сретнеме со сите колеги и да разговараме за тоа како да ја постигнеме оваа цел што е можно поскоро. Се работи за средби поврзани со функционирањето и постигнувањето на двотретинско мнозинство, изјавил Гаши за Клан Македонија.
Алтернатива го чека исходот од преговорите меѓу Алијанса за Албанците и премиерот Димитар Ковачевски за влез во Владата, по што ќе одлучи дали ќе остане или не дел од новото владино мнозинство.
Н.П.