Османи и тендер коалицијата ДУИ – СДС ќе рентаат возила 6 пати поскапо, а тендери за купување возила праваат секоја година. Власта преку МНР потпиша договор за рентање на 175 возила за два дена тежок 900.000 евра, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата нагласуваат дека доволно е да се направи наједноставно интернет пребарување и ќе се дојде до заклучок дека дури и возило од марката Мерцедес С класа се рента по цена од 450 евра за еден ден, што кога ќе се помножи за два дена и за 175 возила ќе се добие цена не повисока од 160.000 евра. Од километри се гледа дека власта 6 пати ќе го преплати рентањето на возила.
-Уште повеќе запрепастува фактот што владата секоја година објавува милионски тендери за набавка на возила за министерствата или разните државни органи, стои во соопштението.
Како што рече минитерот Бујар Османи, трошоците за претседавањето со ОБСЕ се на земјата што претседава, а околу половина милион евра во текот на годината ги обезбедува Секретаријатот на ОБСЕ, но главно за настаните што се одржуваат во Виена, Прага, Варшава.
Во однос на возилата што ќе се користат за спроведување на делегациите, рече дека договорот е рамковен и на повикот се пријавил само еден понудувач. ОБСЕ во Водичот, според кој МНР го подготвува големиот настан, утврдило стандарди за тип, марка, број на возила итн.
-Договорот што го постигнавме со рентакар-агенцијата е рамковен како резервен план. Затоа што ние мора, согласно стандардите на ОБСЕ, да имаме обезбедено возила за секој министер, за секоја делегација – од денот кога доаѓаат, до денот кога заминуваат. Договорот е направен рамковен, што значи е утврдена цена по возило и по ден, и во договорот јасно стои дека МНР нема обврска да ги користи сите возила, туку толку колку што ќе има потреба. Откако ќе ги исцрпиме сите домашни институционални капацитети, значи министерски возила, возила на СОЗР, комбиња, автобуси, се што ќе може да најдеме, тогаш остатокот што нема да можеме да го обезбедиме ние веќе имаме од каде да обезбедиме возила. Тоа мора да го направиме за да сме покриени во однос на возилата, рече Османи.