Министерството за образование и наука наместо Концепција создава хаос. Концепција подразбира план и стратегија, а во случајов гледаме неспособност и неодговорност, соопштија утрово од Белата палата на ВМРО-ДПМНЕ.
„Се е сведено на импровизации кои скапо се плаќаат. Наставниците и образовниот кадар се соочуваат со тотален колапс на системот, а на помалку од половина месец до почеток на учебната година нема учебници. Наместо учебниците се нудат материјали за учење, прирачници, упатства и слични експерименти кои не може да бидат целосна алтернатива на учебникот.
Печатењето на учебници доцни и голема е веројатноста дека до октомври, па и декември учениците нема да имаат книги. Дополнително веќе два месеци доцни и доделувањето на сведителствата бидејќи не биле набавени доволно сведителства за учениците.
Ова покажува целосна неспособност и неодговорност на властите. Тие очигледно се изненадени со почетокот но и крајот на учебната година исто како што би било изненадување снег во зимските месеци“, велат, меѓу другото, од партијата на Мицкоски.