Познато ви е дека Министерството за правда на Кренар Лога во координација со Ахмети и со Ковачевски на шверцерски начин во Собранието со злоупотреба на европското знаменце го измени Законот за Академија за судии и јавни обвинители. И оној главен испит за влез на слушатели во Академијата кој што треба да се полага само електронски и е европско правило, го сменија и по исклучок ставија дека може истиот да се полага и по писмен пат, затоа што ДУИ, СДС и Кренар Лога имаат веќе однапред подготвен список за следните 130 слушатели на оваа Академија, кои што треба да бидат идни судии и обвинители, ова денеска преку прес-конференција го истакна пратеникот и екс-министер Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Имаме информација од Академијата за судии и обвинители дека овие денови треба да се одржи Управен Одбор на Академијата за судии, на која што ќе се разгледува и прашањето за тоа кога да се полага овој според нас штелуван писмен главен испит за прием на слушатели на академијата. Она што тие го предвиделе во самата Академија се членовите во одредени закони, Имено во Законот за Академија за судии и јавни обвинители член 50 е запишано дека слушателот во академијата заснова работен однос на определено време. Тоа значи дека постапката за полагање на електронски или писмен испит е постапка за вработување во Академијата за судии и јавни обвинители. Истовремено напоменуваме дека во Изборниот законик во член 8 А е јасно запишано дека од денот на распишување до денот на завршување на изборите не може да започне, ниту смее да продолжи било која постапка за вработување. Тоа е наведено во членот 8 А од Изборниот законик. Ова како начелен став го потврди и Државната комисија за спречување на корупцијата два дена по распишувањето на изборите. Затоа укажуваме најсериозно до сите членови на Управниот одбор на Академијата за судии дека секој кој што ќе гласа за полагање на писмениот главен испит за прием на слушатели во оваа академија ќе го прекрши Член 8 од Изборниот законик и со самото тоа ќе се изложи на кривична пријава за несовесно работење во службата. Се надеваме дека директорката Габер Дамјановска знае дека почитувањето на Изборниот законик е поважно од желбата на внуката на Рамиз Мерко г-ѓа Ерканда Баута незаконито да стане судија. Сакам да верувам дека и претседателот на Управниот одбор на Академијата Беким Мехмеди, знае дека владеењето на правото е побитно од желбата на Мики Крстев, заменик министер од СДС да стане обвинител со наместено полагање на писмен тест во време на распишани избори“, вели Милошоски.
Тој додава дека сигурен сум дека државниот обвинител Коцевски знае дека желбата на Мурат Асанов Шабани од Струга да се пикне во обвинителството со полагање на писмен испит во забранет изборен период е законски казниво и за двајцата.
„Затоа, почитувани членови на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, ви укажуваме дека ќе сносите кривична одговорност доколку гласате за полагање на писмениот испит во време на распишани избори, затоа што истиот е дел од постапка за вработување кое е законски забрането. Размислете затоа што владеењето на правото е многу побитно од кариерата на некои блиски луѓе на Рамиз Мерко. Вие сте судии, вие сте обвинители, вие сте членови на Управниот одбор и вашата кариера и денес и во иднина ќе зависи многу од оваа одлука. Затоа што и вие сносите одговорност за одлуките кои ги носите особено ако тие одлуки се спротивни на законот. Не се надевајте дека изборната кампања и вниманието на медиумите за тоа кој и каде ќе биде на изборните листи ќе го заборави овој случај или дека ќе го остави настрана незабележано вашето дејствување како одговорни членови во Академијата за судии“, вели Милошоски.