ВМРО-ДПМНЕ не е ни судија, ни обвинител, ни инспектор, велат од владеачката партија за случајот со дискотеката „Пулс“

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ да престане со собирање политички поени на најголемата трагедија која ја потресе Македонија

од Nikola Popovski
22 прегледи Фото: Официјален Фејсбук профил на Христијан Мицкоски

„Дојдоа на власт со собирање на политички поени на сметка на трагедии, на сметка на семејствата кои жалеа и имаа надеж дека СДС ќе ги реши нивните случаи, дека СДС ќе им донесе правда, дека СДС ќе им ја обелодини вистината“, велат од ВМРО-ДПМНЕ како реакција на соопштението на СДСМ за сторијата на ИРЛ за трагедијата во Кочани.

Според ВМРО-ДПМНЕ, семејствата на загинатите, повредените, беа заборавени, не добија правда, не добија одговори, не добија надеж. Тврдат дека „СДСМ си играше со човечките судбини за да дојде и опстане на власт“.

-Нема да дозволиме играње со човечки судбини за дневни политички цели. ВМРО-ДПМНЕ не е ни судија, ни обвинител, ни инспектор, ниту пак е орган кој може истото да го направи. Повторно потсетуваме и нема да се повторуваме. Секој којшто директно или индиректно има удел за настанатиот пожар во Кочани, а за тоа има докази, треба да одговара. И стоиме зад ова. Без разлика на етничка, партиска или национална припадност, додаваат од најголемата владеачка партија.

Претходно СДСМ соопшти дека ВМРО-ДПМНЕ и функционери од партијата директно го штителе сопственикот на „Пулс“, кој постапувал спротивно на сите стандарди. Затоа сега е јасно, додаваат од најголемата опозициска партија, зошто ВМРО-ДПМНЕ од првиот ден ја попречуваше правдата.

СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ и функционери од партијата директно го штителе сопственикот на „Пулс“ кој постапувал спротивно на сите стандарди