ВМРО-ДПМНЕ не престанува да се жали на кадровските решенија во здравството

од desk2
93 прегледи

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ повторно укажа дека владејачката СДСМ и министерот за здравство Арбен Таравари, според нивните зборови, го инфицираа здравството со вирусот на криминал и непотизам од кој одамна боледуваат“.

„Основен критериум на Заев, при селекцијата на раководните кадри е тие да имаат мерак на мито по урнекот на неговото едно евро за Вицето. СДС бара луѓе што се осудувани за поткуп, пријавувани или, во најмала рака, во јавноста важат за митаџии. Ваквите кадри им се фаворити за директори на клиники. Доколку се семејно или бизнис-поврзани со веледрогериите, тогаш нема утка“, рече Дарко Костовски oд ВМРО-ДПМНЕ.

Сметаат дека власта без срам ги поставила Нетковски, Барбов и Докиќ за први лица на скопските клиники, а биле гонети за класичен коруптивен криминал.

„Со поставувањето вакви лица на реномирани здравствени установи СДС праќа јасна порака до граѓаните на Република Македонија дека доколку во иднина сакаат да добијат некоја услуга, за неа ќе мора да платат кај некојси Вице од установата во која бараат медицински третман“, додаде Костовски.