
ВМРО-ДПМНЕ ја демантира изјавата на претставникот на ДУИ, Рафиз Алити, дадена за Телма, а во која тој рече дека неговата партија добила писмени гаранции и од ВМРО-ДПМНЕ и покрај тоа што разговорите за состав на новата влада завршија неуспешно.
– Никогаш не биле побарани ниту, пак, се дадени некакви гаранции од страна на ВМРО-ДПМНЕ кон ДУИ. Разговорите што ги водеше ВМРО-ДПМНЕ беа на принципиелна основа тргнувајќи од интересите и определбите на партијата. Во повеќе наврати објаснивме зошто не дојде до договор, но за некакви гаранции побарани од ДУИ воопшто не стана збор. Впрочем и од ДУИ знаат дека доколку ВМРO-ДПМНЕ даде согласност околу нешто, тоа се реализира, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.