Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ објави документи за тоа како неколку лица осомничени за организиран криминал во регионот добиле документи за идентификација и патни исправи од С. Македонија.
Денеска, пред новинарите, од партијата обвинија дека, како што рекоа „во периодот од декемеври 2017 до јануари 2021, на шефови на повеќе нарко картели им се издадени оригинални документи од Македонија за непречено патување и престој во странство“.
Според податоците до кои е дојдено, како што беше речено на брифингот на новинарите со високи претставници на ВМРО-ДПМНЕ, „издадени се околу 200 документи на криминални структури од Балканот“.
Оттаму брифирале и дека на две лица – Јован Вукотиќ и Седат Пекер – им биле дадени македонски документи, но на други имиња – Ѓорги Андонов и Џадин Амедовски.
За Седат Пекер од Турција, медиуми во таа земја пишуваа дека е водач на турската мафија, а според обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ, како што велат од партијата, тој добил македонски пасош на име Џадин Амедовски. Од партијата велат дека лицето Јован Вукотиќ, пак, кој стана Ѓорги Андонов, е познат како водач на Шкаљарскиот клан во Србија.
Сите сознанија и документи, партијата ќе ги достави до Јавното обвинителство. Очекуваат брза истрага и идентификување на нарачателите во аферата што ја нарекоа „Мафија“.
МВР се уште нема коментар за ваквите обвинувања.