Зголемувањето на акцизата на дизелот нема да ги погоди сиромашните граѓани бидејќи 60 проценти од сиромашните домаќинства во Македонија немаат автомобил, ова е став на СДСМ, тврди опозициската ВМРО-ДПМНЕ, поради кој не го прифаќаат нивниот предлог за укинување на акцизата на дизелот, со цел намалување на цената на дизелот.

„Околу 50 милиони евра годишно е директната штета за граѓаните, земјоделците и стопанството од покачувањето на акцизата на дизелот. Индиректната штета, која резултира со покачување на цените на сите продукти и услуги е уште поголема. Граѓаните живеат полошо од пред една година. Цените растат, а стандардот на граѓаните паѓа. Просечната платата во февруари е за околу 900 денари пониска од платата во јануари. Во исто време цените на мало растат, а трошоците за живот се се поголеми“, смета опозициската партија.
Затоа, ВМРО-ДПМНЕ ги поканува сите обесправени, сите оние разочарани и излажани од Зоран Заев и криминалниот картел кој го води, на голем антивладин собир на 02 јуни во 20 часот пред зградата на Владата на Република Македонија.