ВМРО-ДПМНЕ оддаде почит на починати од Ковид-19 со хартиени фенери, СДСМ вели дека се „некрофили“

од Vladimir Zorba
350 прегледи

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ вечерва оддаде почит на починатите од Ковид-19 во земјата, со хартиени фенери пуштени кон небото.

На настанот се обрати, Рашела Мизрахи која побара оставка од министерот за здравство, Венко Филипче.

„КОВИД-19 не е статистика. Секојдневно се држат прес-конференции на броеви. Ова се луѓе, со име и презиме. Нечии мајки, татковци, сестри, браќа, нечии деца. Оваа битка не се добива со прес-конференции, туку со мерки, протоколи и мобилизација на сиот квалитетен кадар.

Овој настан вечерва е во знак на почит од жртвите од КОВИД, луѓето кои ги загубивме, а можеше да се направи многу повеќе. Тие не се тука поради неспособната влада и Венко Филипче кој мора да си даде оставка. Неговата оставка не е прашање на политички чин туку прашање на нужност. Прашање на живот“, изјави таа.

Со реакција се јавија од партијата на премиерот Заев.

Оттаму велат дека ВМРО-ДПМНЕ прави настани каде ја злоупотребува смртта на стотици граѓани и се рекламира со тагата на нивните семејства.

„Починатите и заболените од Ковид 19 не се статистика не се само обична бројка за ДПМНЕ-Некрофилна да прави настани и перформанси, да ги злоупотребува во очајната трка за политички поени.

За каква мобилизација зборува ВМРО-ДПМНЕ кога токму некрофилот Христијан Мицкоски партиски ги делеше здравствените работници, за каков пристап зборува ДПМНЕ-Некрофилна кога токму нивен кадар во преодната Влада кочеше помош од Светска Банка за опремување на болниците?

ВМРО-ДПМНЕ секојдневно го допира дното на најсложената тема, оваа партија мора да престане со обидите да профитира од несреќата на граѓаните. Тоа не е прашање на политички чин туку на нужност“, стои во реакцијата на СДСМ.