ВМРО-ДПМНЕ: Партиски војници се дел од владините хонорарци

од Nikola Popovski
338 прегледи

„Во Македонија додека граѓани преживуваат од ден за ден, власта своите партиски војници дебело ги наградува со хонорари.

За една година без работа останаа над 55.000 граѓани. Повеќе од 500.000 граѓани преживуваат со 130 денари на ден. Конфекциските работници во Македонија пред неколку дена останаа без работа, бидејќи конфекциите принудно се затворија, а земаа минимална плата за работа од 12 часа дневно.

Државата станува се позадолжена држава и го преминува прагот на задолженост. Додека државата осиромашува, и згаснаа над 4.000 компании, партиски војници на власта земале хонорари до 1.000 евра“, реагираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, откако Владата вчера ја објави листата со детали за сите лица кои се хонорарно ангажирани за нејзините потреби.

„Меѓу хонорарците кои земале народни пари во енормни суми се бројни членови и симпатизери на СДСМ, Петрит Сарачини, Марко Михаилоски – претседател на СДММ, Јана Велковска – сестра на Фаница Николовска пратеничка од Тетово, Дамир Ибраимоски – син на Самка Ибраимоски. На листата може да се види и името на Ванчо Узунов. кој бил поранешен потпретседател на СДСМ“, стои во партиската реакција.

Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека за хонорари од 2019 до 2020 година, власта исплатила над еден милион евра.

Според опозициската партија, под закрила на Владата биле 58 хонорарци, од кои денес се објавени 55.

„Токму овие хонорарци за еден напишан статус или, пак, погрешно наместено знаме земале по 30, 40, 50 илјади денари. Од имињата на објавените списоци, јасна е намерата зошто власта калкулираше со денови кога да ги објави“, велат од ВМРО-ДПМНЕ нагласувајќи дека додека државата осиромашува и згаснале над 4.000 компании, партиски војници на власта земале хонорари до 1.000 евра.

Слични содржини