ВМРО-ДПМНЕ планира голем митинг в понеделник, но дел од коалиционерите се против

од Vladimir Zorba
109 прегледи

За в понеделник, ВМРО-ДПМНЕ најавува одржување на голем митинг за поддршка на владата.

Членот на Извршниот комитет на партијата, министерот Никола Тодоров, денеска рече дека собирот е закажан за во 20 часот во Скопје, без да прецира на која локација. Митингот, како што рече, е да се испрати порака дека ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи дестабилизација на земјата.110309

– ВМРО-ДПМНЕ заедно со македонскиот народ, со сите граѓани, со Албанците, Турците, Власите, Ромите, Србите, Бошњаците и сите други ќе излезе на голем народен митинг за поддршка на стабилна и силна Македонија. Овој митинг ќе биде мирен, достоинствен и плод на разумот на секој наш граѓанин. Граѓаните на Македонија ќе излезат на улиците на Скопје  за да покажат дека се борат за почитување на правото на глас, за почитување на изборната волја – изјави Никола Тодоров, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

За намерите да се организира митинг вчера биле информирани и коалиционите партнери на ВМРО-ДПМНЕ, со цел и тие да го мобилизираат своеото членство. Но, не сите ја прифатиле идејата.

Павле Трајанов, претседателот на Демократскиот сојуз, вели дека неговата партија нема да учествува во контра-протестите, бидејќи тие лесно може да доведат до судир со антивладините демонстранти, кои според најавите, ќе дојдат во недела пред зградата на Владата и ќе останат таму се додека таа не поднесе оставка.

Трајанов смета дека и опозицијата треба да ги одложи протестите, иако тие се демократско право, пред се поради безбедносните ризици, но и за да даде шанса на денеска започнатиот политички дијалог.

Дел од медиумите, вчера објавија информации дека главен организатор на теренските активности на ВМРО-ДПМНЕ во иднина ќе биде досегашниот директор на УБК, Сашо Мијалков.