ВМРО-ДПМНЕ по изјавата на Жерновски: 30 години нема ништо направено добро за државата, а исто толку години е и во политиката

„До следната лага искажана од СДСМ, Жерновски или Филипче, ги потсетуваме дека се опозиција во Македонија, не во Србија“, порачаа од партијата на Христијан Мицкоски

од Nikola Popovski
22 прегледи Фото: Локално

„Жерновски е човек кој 30 години нема ништо направено добро за државата, а исто толку години е и во политиката. Прелетач од ЛДП во СДС, само затоа што така му нареди Зоран Заев. Затоа и денес жестоко го брани Филипче, затоа што така му има наредено Заев“ – вака реагираа од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција на членот на Извршниот одбор (ИО) на СДСМ.

На наводите на Жерновски дека секоја изјава и политика на премиерот се лага, од владејачката партијата одговараат дека функционерот во СДСМ е човек без грам кредибилитет, кој пред да кажува кој говори вистина, а кој лага, треба прво сам да се погледне во огледало.

„Внук на бугарски кмет, неуспешен политичар, неуспешен дипломат, самопрогласен амбасадор, човек без кичма, став и достоинство, измеќар на Заев и Филипче – Андреј Жерновски.

Во однос на предлогот за конзул на Душан Адамовиќ, доаѓа од амбасадорот на Македонија во Белград именуван уште од времето на владата на СДС и ДУИ. Дополнително, споменатото лице ги исполнува сите критериуми за негово поставување за конзул.

До следната лага искажана од СДС, Жерновски или Филипче, ги потсетуваме дека се опозиција во Македонија, не во Србија“, стои во партиското соопштение од таборот на Христијан Мицкоски.

Претходно Жерновски на денешната прес-конференција го обвини премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, дека „лаже и ја манипулира јавноста“.

„Христијан Мицкоски лаже. Од сите премиери во светот, од сите премиери во Европа има само еден, и тоа е на овој брдовитиот Балкан, поточно во Македонија, којшто употребува термин којшто досега не е познат во политиката. Тоа е терминот ‘вистинска вистина’. Но кој човек зборува за вистинска вистина? Оној што има друга вистина. Тоа е лажна вистина“, изјави Жерновски.

Тој додаде дека Мицкоски ветувал промена на Преспанскиот договор и враќање на старото уставно име.

„Кажa, ветил на граѓаните дека кога ќе дојде на власт ќе го промени Преспанскиот договор, ќе го промени уставното име, ќе го врати старото име. Повторно излажа“, изјави Жерновски.